Јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов денeска ќе се одбележи со уште еден голем настан во организација на фондацијата „Ацо Шопов – поезија“. Под наслов „Ацо Шопов – невообичаено“, настанот ќе започне во 19 часот во Кинотеката во Скопје.
На настанот ќе бидат промовирани три книги инспирирани од творештвото на Шопов, ќе има проекција на анимирани филмови, а ќе бидат поставени и две изложби. Благодарение на Софија Гогова-Врчаковска и Емил Рубен, книгите ќе заживеат на сцената, а за нив ќе разговараат Иван Антоновски, Маја Бојаџиевска, Жарко Ивановски, Лидија Капушевска-Дракулевска и Јасмина Шопова.
Ќе се одржи промоција на книгите: „Од онаа страна на Небиднината – Разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ од Иван Антоновски, „Ацо Шопов: Песна над песните – Избор од поезијата, размислите, критиките и архивскиот материјал“ од Јасмина Шопова и „Небиднина – графички омнибус“, од Жарко Иванов, Иван Ивановски,Владимир Лукаш и Крсте Господиновски.
Во рамките на настанот, поезијата на овој македонски мајстор на зборот ќе оживее и преку омнибусот „Небиднина“, кој ги содржи анимираните филмови „Долго доаѓање на огнот“, „Небиднина“, „Во сонот на црната жена“ и „Грозомор“ во режија на: Иван Ивановски, Крсте Господиновски, Владимир Лукаш и Жарко Иванов. Публиката, преку гласовите на Никола Ристановски и на сенегалскиот поет и препејувач Дауда Ндиај, но и со шепотот на Маја Трајаноска-Ивановска, повторно ќе може да ги открие овие песни на еден сосема нов начин. Песните може да се прочитаат – преку збор и преку слика – во штотуку објавениот двојазичен графички омнибус „Небиднина – Not-Being“, во издание на „Флип бук букс“.
Во фоајето на Кинотеката, посетителите ќе може да ги видат и изложбите „Патот по кој чекорам“ и „Величествен поетски мост што ги поврзува сите континенти“. Преку фотографии, уметнички слики, стихови, цитати, ракописи, исечоци од весници, корици од книги и слични материјали отпечатени на банери, ќе може да се зачекори по врвиците на животот и делото на Ацо Шопов, а преку оригинални фотографии на Душан Ѓоргон и да се проследи неговото учество на „Струшките вечери на поезијата“, како и неговиот влог во популаризацијата на оваа манифестација.