Публикацијата „Мапирање на обичајот Мартинки во Скопје и Скопско“, во издание на ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата, ќе биде промовирана онлајн денеска во 12 часот.
Со публикацијата „Mапирање на обичајот Мартинки во Скопје и Скопско“ од авторките Василка Димитровска, Душица Брачиќ и Ленче Димовска е направен обид да се дојде до заклучок за постоењето, распространетоста, практикувањето и варијантите на обичајот „Мартинки“ во овој регион. Автор на илустрациите е Бисера Наумовска.
Обичајот „Мартинки“ во 2017 година е впишан во Репрезентативната листа на УНЕСКО како Светско нематеријално културно наследство, a денешната промоција претставува вовед во претстојната јубилејна десетта традиционална манифестација „Среќна Баба Марта 2023“ во организација на ХАЕМУС.
Публикацијата е изработена со финансиска поддршка од Министерството за култура, како проект поддржан на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2022 година.