Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје денеска (21 мај) во 12 часот ќе биде промовирано делото „Дни, години“ од Димитар Башевски, добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга за 2023 година што се доделува на „Струшките вечери на поезијата“. На промоцијата ќе се обрати Иван Додовски, а стихови ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски.
− „Дни, години“ претставува значаен прилог во новите текови на современата македонска поезија. Станува збор за книга со длабоки животни промислувања кажани преку наизглед едноставен поетски јазик. Димитар Башевски сведочи дека неговите поетски вертикали, чии корени се во минатиот век, и натаму се одликуваат со творечка виталност, со жив и сочен поетски говор и со сугестивен и актуелен тематско поетски простор. Притоа тој мајсторски се потпира на досега стекнатото творечко искуство – подвлече жири -комисијата во образложението за наградата.
Делото „Дни, години“ од Димитар Башевски е во издание на издавачката куќа „Слово“.