Ретроспективна изложба на слики, објекти, инсталации, видео арт и експериментални филмови на македонската уметница Тања Балаќ по повод 30 години творештво ќе биде отворена вечер во Национална галерија на Република Северна Македонија, објект „Чифте амам“.
На отворањето ќе биде промовирана и монографија со текстови на историчарите на уметност и ликовни критичари, Кирил Пенушлиски и Натали Р. Павлеска.
Тања Балаќ, во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година, магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006-2013 година и негова претседателка. Покрај сликарството, Балаќ во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео уметност. Остварила повеќе самостојни изложби дома и во странство. Исто така, нејзините експериментални филмови побудуваат голем интерес кај меѓународната јавност. Дел од нив се здобија со меѓународни награди, како што е наградата за експериментален филм на Биеналето во Фиренца, како и наградата на Филмскиот фестивал во Вест Вирџинија, САД и др