Претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен во режија на Нина Николиќ, а во изведба на МНТ од Скопје е најдобра претстава на годинашниот 56. македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој се одржува во Прилеп.
Оваа претстава се закити и со уште три награди, за најдобар актер за Никола Ристаноски, за сценографија на Вишња Вујовиќ и за рекламен материјал на Димитар Димитров.
Наградата за најдобра режија ја доби Кендрим Ријани за претставата „Артуро Уи“ во изведба на Народниот театар Битола, а најдобра женска улога оствари Бедија Беговска во претставата „Вишновата градина“ на Турскиот театар од Скопје.
Претставата на Битолскиот театар „Артуро Уи“ освен за најдобра режија, ги доби и наградите за најдобра машка епизодна улога, наградата „Димче Трајковски“ за Никола Пројчевски, а за женска епизодна улога е наградена Викторија Степановска-Јанкуловска. За најдобра костимографија наградата ја доби Благој Мицевски и за најдобра музика, Тримор Доми.
Наградата за млад актер ја доби Сара Спиркоска од претставата „Декамерон“ на Прилепскиот театар, а Лидија Митовска-Ѓориевска е добитник на наградата за најдобра современа сценска драматизација за оваа претстава.
Актерот Хакан Даци е добитник на наградата „Трајко Чоревски“ за млад актер од претставата „Вишновата градина“ на Турскиот театар. За најдобар текст е награден Рефет Абази за текстот на истоимена претстава „Јазли“ во изведба на Албанскиот театар од Скопје.
Фестивалското жири во состав Љупчо Ѓорѓиевски, режисер, Бесфорт Идризи, актер и театарскиот критичар, Сотир Трајков, не ја доделија наградата за кореографија и сценски движења.
На сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ со доделувањето на наградите и со претставата во чест на наградените – „Боливуд“ на Театар „Комедија“ од Скопје вечерва ќе биде затворен 56 МТФ „Војдан Чернодрински“.