Денеска (22 декември, петок) во 18:00 часот на малата сцена во Македонскиот народен театар премиерно ќе биде изведена инклузивната претстава „Божествена комедија“.
На сцената настапуваат членовите на инклузивниот ансамбл на возраст од 10 до 55 години, актери кои досега успешно соработуваат во поставување заеднички претстави, како: „Шумска бајка“, „Други приказни за Алиса“ и „Дрво низ времето“, односно членови кои го формираа Првиот инклузивен градски хор, чија цел е да ги користи музиката и песната како средства за комуникација и интеграција.
Во претставата играат: Елизабета Петковска, Ена Митревска, Коста Аризанов, Марио Мицкоски, Стефан Трпковски, Матеј Аларов, Оливер Блажевски, Ирина Прокопиева, Филип Ангеловски, Иво Веиќ, Нана Танеска, Ена Ковачевска, Ивана Полизовски, Данаја Ефтимова, Мартин Манчевски, Матеј Петровски, Ана Јовановска. Изведбата е во режија на Колективот „Ветерница“.
Проектот, во продукција на Трисомија 21 Скопје, се реализира со поддршка од Министерството за култура, Македонскиот народен театар и Колектив „Ветерница“, а со цел истражување на нови форми на современ инклузивен сценски израз.