Во демирхисарското село Смилево денеска и утре (17 и 18 мај) ќе се одржи првото издание на манифестацијата „Смилевски конгрес“, која е еден автентичен концепт за промоција и заживување на културната меморија и традиција низ активна и современа култура.
Првата фестивалска вечер е насочена повеќе кон традиционалниот аспект на манифестацијата, при што целиот настан преку ХНУ (истражувачко студио за храна, наука и уметност) ќе биде поддржан со кулинарските способности на некои уметници.
На втората фестивалска вечер ќе настапат меѓународни изведувачи и македонски автори чиј фокус е современиот концепт на авторската уметност со нитки од традицијата.
Манифестацијата „Смилевски конгрес“ е во организација на истоимената нова национална установа оформена од Министерството за култура, со седиште во родната куќа на војводата Даме Груев во Смилево. Целта на оваа институција е афирмација, претставување и прославување на културното и историското минато на село Смилево, Смилевски конгрес, Даме Груев и нашата земја.