Над 40 странски македонисти и слависти од седумнаесет земји учествуваат на втората зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што до 29 јануари се одржува виртуелно на платформата Зум.
За учесниците на школата од Австралија, Бугарија, Велика Британија, Грција, Италија, Полска, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска, Чешката Република и Швајцарија, организирани се лекторски групи за сите нивоа – почетно, средно и напреднато – со две поднивоа, за јазик, и за литература. По завршувањето на програмата предвидена за школата, ќе се одржи виртуелна средба на учесниците и пополнување на книга со впечатоци, што ќе овозможи насоки и видувања за идните активности на Семинарот.
Зимската школа првпат се одржа минатата година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на големиот јубилеј, 100 години од раѓањето на Блаже Конески и значајно дополнување на редовните активности на Семинарот, покрај Летната школа, којашто традиционално се одржува во Охрид, а која годинава ќе одбележи јубилеј – 55 години.