Во Битола, на 90-годишна возраст, по долго боледување, почина најпознатиот битолски писател, професор Владимир Костов – почесен член на МАНУ, автор на драмски текстови, раскажувач, новелист.
Телеграма со сочувство до семејството испрати и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека Костов, со своето децениско плодно творештво и интелектуално дејствување, остави неизбришливи траги во македонската културна средина.
„Тој е гордост на Битола, гордост на македонската култура, а неговото творештво е бесмртно. Неговите дела остануваат како сведоштво за еден врвен прозаист, беспрекорен драмски автор, посветен интелектуалец во чие творештво неговата Битола секогаш имаше посебно место …“, стои во телеграмата упатена до семејството.
Роден во Битола, по завршената гимназија, во 1951 година се запишал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1955 година дипломирал, по што се вработил во „Радио Скопје“.
Во 1956 година се враќа во родниот град и почнува да работи како професор по македонски јазик во Средното ветеринарно училиште. Во 1964 година бил избран за професор на Педагошката академија во Битола каде што работел сè до своето пензионирање. Во 1957 година Владимир Костов бил еден од основачите на КУД „Илинден“ и негов долгогодишен уметнички директор. Во 1963 година се појавува и како еден од основачите на литературното списание „Развиток“ и е негов долгогодишен главен и одговорен уредник. Во 1977 година станува член на Друштвото за наука и уметност во Битола, во 1983 година член на Друштвото на писателите на Македонија, a од 1988 година бил член и на Асоцијацијата на независните писатели на Македонија.
Има објавено 17 романи, 11 збирки новели, 10 книги за деца и млади и збирката драми „Декалог“. Романите на Костов се дел од збирката „Најчитани македонски романи“, од антологиите на македонскиот расказ, на македонскиот роман. Костов е дел од училишната лектира со романите „Нов ум“, „Свадбата на Мара“ и „Црквичето четириесет маченици“. „Свадбата на Мара“ е една од најуспешните театарски претстави на Народниот театар во Битола, за која тој го напиша текстот.