Македонскиот народен театар денеска ја сподели веста за смртта на актерката Катерина Крстева (1938 – 2023), дамата на македонското актерство, популарна меѓу народот како Мара Попара по улогата во филмот „Во кафулето кај Гене“.
Телеграма со сочувство испрати министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека Крстева има голем придонес во создавањето на историјата на театарската и филмската уметност на Македонија.
„Со нејзините многубројни улоги и неоспорен талент, ја збогати и ја задолжи театарската, филмската и телевизиската сцена. Македонската култура ќе ја помни како една од впечатливите актерки, чии улоги остануваат трајни вредности за генерациите што доаѓаат“, стои во телеграмата упатена до Македонскиот народен театар. Препознатливиот ведар дух и лик, како и веселоста на театарската сцена и на ТВ-екраните, Крстева ја направија миленичка на широката театарска, филмска и телевизиска публика.
Како актерка, најпрвин беше вработена во Драмскиот театар, а во 1964 година премина во НУ Македонски народен театар – Скопје, каде што остана сé до пензионирањето.
Првата улога во МНТ и е онаа во драмата „Дон Цезар од Базан“, премиерно прикажана во 1965 година. На телевизискиот екран и на филмското платно има остварено многубројни главни и споредни улоги во серии и во филмови, меѓу кои се: „Хихирику“, „Театарче лево коше“, „Трст виа Скопје“, „Македонски народни приказни“, „Поштар“, „Простодушна љубов“, „Погрешно време“, „Битолски лакрдии“, „Волшебното самарче“, „Шеќерна приказна“ и други. Меѓу последните улоги и се оние во „Преспав“ и „Дедо и внук“.
Погребот се одржа денеска во 13:00 часот на Градските гробишта Бутел.