Под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“ од 25 до 29 август во Струга ќе се одржи 61. издание на поетската манифестација „Струшки вечери на поезијат“.
Годинешниот лауреат, јапонски поет Шунтаро Таникава, како што соопшти дирекцијата на Фестивалот СВП, поради поодмината возраст (91 година) и здравствени ризици нема да присуствува физички, а Златниот венец во негово име ќе го прими неговиот син Кенсаку Таникава, истакнат јапонски композитор и пијанист. На традиционалниот портрет на лауреатот што се одржува во црквата „Света Софија“ во Охрид, Кенсаку ќе има специјален музички настап инспириран од стиховите на неговиот татко.
Специјален гостин на манифестацијата, ќе биде минатогодишниот лауреат, израелскиот поет Амир Ор. На манифестацијата ќе присуствуваат и 25 поети од странство, како и повеќе домашни поети.
– Во рамките на програмата предвидено е меморијално чествување на доајенот на македонската поезија, Радован Павловски, вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година, Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и странски поети, соопшти националната установа „Струшки вечери на поезијата“.
Предвидени се поетски читања и на поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската комисија.
Свеченото затворање на фестивалот, традиционално ќе биде на 28 август на Мостот на поезијата со традиционалното поетско читање „Мостови“ и со врачување на наградите.
Фестивалската програма ќе се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП.