Со учество на 11 македонски писатели од сите генерации, од денеска до 8 мај во Софија ќе се одржи 15. издание на манифестацијата „Македонска книжевна визита“, чија цел е афирмација на македонската литература во Бугарија и продлабочување на македонско-бугарските книжевни и културни врски.
Организатор на оваа традиционална манифестација е Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје, во соработка со Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија, со поддршка од Mинистерството за култура.
На „Македонска книжевна визита“ ќе биде претставен книжевниот портрет на современиот македонски поет, прозаист, есеист, преведувач, универзитетски професор, академик Влада Урошевиќ, за чие поетско творештво ќе говори проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска. Ќе бидат презентирани стихови од Урошевиќ на македонски и на бугарски јазик, а поздравна беседа ќе имаат и претставници на Сојузот на бугарските писатели и на Друштвото на писателите на Македонија.
Организаторот информира дека ќе се одржи бугарско-македонски поетски митинг на кој ќе учествуваат автори од двете земји, а ќе биде доделена и наградата „Македонски книжевен Дедал“, чиј добитник годинава постхумно е неодамна починатиот бугарски писател Алек Попов.