На 19 октомври (вторник) со почеток во 20:00 чaсот на програмата на Кинотеката ќе биде прикажан реткиот бисер од филмските архиви, италијанскиот нем филм „Пеколот“ во режија на Франческо Бертолини, Адолфо Падован и Џузепе де Лигуро.
„Пеколот“ се смета за прв долгометражен игран филм во светската кинематографија и е снимен според „Пеколот“, првиот дел од епот „Божествената комедија“ на Данте Алигиери, кој е фундамент на модерниот италијански јазик и на новоевропската книжевност и култура.
Со проекцијата на „Пеколот“, Кинотеката и Амбасадата на Италија ја одбележуваат Неделата на италијанскиот јазик во светот, глобална манифестација која традиционално се одржува во октомври, како и 700-годишнината од смртта на Данте Алигиери.
Проекцијата на „Пеколот“ во Кинотеката ќе биде проследена со музика во живо во изведба на пијанистот Марио Маријани од Италија. Маријани е авангарден композитор и изведувач, а компонирал музика за повеќе од стотина играни, кратки и анимирани филмови, театарски претстави и рекламни спотови, како и за потребите на филмскиот фестивал во Венеција, а веќе три децении изведува пропратна музика за проекција на неми филмови.