Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје информира дека е отворен конкурсот за наградата за најдобар превод „Драги“ 2024. Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката продукција во државава, како и да се истакнат вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор. За наградата може да се учествува со книги објавени во периодот меѓу 1 јули 2023 година и 30 јуни 2024 година.
Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик). Наградата се доделува за превод на дела од сите книжевно-уметнички видови: проза, поезија и драма.
Право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи. Секоја издавачка куќа или здружение на граѓани имаат право да номинираат најмногу пет книги, а секој преведувач има право да номинира најмногу две книги.
Конкурсот е отворен до 1 јули 2024 година.
Номинираните книги може да бидат објавени во хартиена форма или како електронски изданија и мора да имаат CIP-запис од Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје.
Книгите објавени во хартиена форма треба да се достават во четири примероци на адресата на издавачката куќа „Антолог“ (улица „Ѓорѓи Пулевски“ број 29, локал 1), а електронските изданија во електронска форма на е-адресата: redakcija@antolog.mk.
Доставените преводи ќе ги оценува тричлена комисија составена од преведувачи, писатели или книжевни критичари.
Наградата се состои од плакета и статуета „Драги“.
Новина годинава е што првпат наградата ќе содржи и паричен дел во бруто-износ од 30 000 денари.
Годинашното издание на наградата „Драги“ го реализира издавачката куќа „Антолог“ со поддршка од Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.