Националната галерија, во соработка со Францускиот институт во Скопје во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на Франкофонијата, денеска во Чифте амам ја претстави изложбата „Париски рефлексии“, која содржи дела на македонските основоположници кои живееле и работеле во Париз меѓу двете светски војни.
На изложбата „Париски рефлексии“, се изложени дела од основоположниците на македонската современа уметност: Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски и автори од втората и третата генерација македонски едуцирани уметници во чии дела се чувствува влијанието на Париз: Томо Владимирски, Борко Лазески и Лена Стефанова.
На отворањето на изложбата се обрати министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека отворајќи ја оваа изложба токму денеска, ја потенцираме поврзувачката сила што како мост ја има франкофонијата, зближувајќи ги народите од сите континенти на светот.
„Со одбележување на овој ден, сите чувствуваме посебна одговорност кон она што го славиме“, рече Костадиновска-Стојчевска. Таа додаде дека нашата држава ги одржува трајните пријателски врски со Париз преку престојот на нашите уметници во македонското Ателје во Меѓународниот град на уметностите, кое функционира од 2002 година.
Костадиновска-Стојчевска потсети дека Република Северна Македонија од 2006 година е полноправна членка на Меѓународната организација на франкофонијата, а ја нагласи и одличната соработка и со Амбасадата на Република Франција во Скопје и со Францускиот институт, кои се долгогодишни партнери на Министерството за култура во реализацијата на многу проекти.
Амбасадорот на Република Франција во нашата земја, Сирил Бомгартнер, во своето обраќање напомена дека влијанието на Париската школа и на креаторите на модерната уметност беа повеќе од евидентни во сликите на големите мајстори на македонското сликарство од почетокот на 20 век.
– Париз, тој центар на привлечност за сите уметници од целиот свет беше присутен тука во боите, во цртите и потезите на четките во сите истретирани теми во овие слики. Во рамките на размената, заедно со вас, за Париското влијание и различните можности за соработка, ние констатиравме дека оваа колекција и овие уметници навистина заслужуваат уште повеќе да бидат вреднувани, додаде францускиот амбасадор.
Директорка на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими посочи дека француската култура и уметност од секогаш биле императив и пример за нашите уметници. Тоа, како што рече, одлично се согледува преку оваа изложба, во која се претставени влијанијата на таканаречената Париска школа, при развојот на македонската уметност од првата половина на 20 век.