Министерката Костадиновска-Стојчевска во „Стоби“: Американски грант за конзервација на Теодосијанската палата

од admin_kult

Со грант од филантропската организација од САД „Џ. М. Каплан Фонд“, во висина од 300.000 американски долари ќе се конзервира Теодосијанската палата во археолошкиот локалитет Стоби.

Проектот, кој во наредните три години ќе го реализираат НУ „Стоби“ во соработка со фондацијата „Балканско наследство“ од Софија, Бугарија, опфаќа и едукативни работилници за професионалци од областа на конзервацијата, археологијата и менаџментот со културно наследство.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната работна посета на Стоби се запозна со динамиката на овој значаен проект, кој претставува продолжение на одличната соработка со американската фондација која минатата година обезбеди средства за изработка на Генералниот план за заштита на археолошкиот локалитет Стоби, прв документ од ваков вид во нашата држава.

Во Националната установа „Стоби“, годинава со 9.4 милиони денари, преку Годишната програма на Министерството за култура ќе се реализираат други 14 проекти, преку кои ќе се истражи, заштити, презентира и промовира еден од најзначајните споменици на културата од римската и од доцноантичката епоха на овие простори.

Директорот на НУ „Стоби“, Спасе Перовски информираше дека во април стартува археолошко-истражувачката дејност на локалитетот. Тој ја запозна министерката за култура дека годинава стручните екипи ќе работат на неколку важни проекти, меѓу кои и конзервација и реставрација на сегменти од Стоби; конзервација, реставрација, реконструкција и археолошки доистражувања на Римскиот театар; како и археолошки доистражувања и конзервација на фрескоживописот и на архитектонските делови на Старата епископска базилика.

Ќе се изработуваат и основни проекти за конзервација и реставрација на зачуваните мермерни елементи од гледалиштето на театарот, како и основните проекти за конзервација и реставрација на керамички и стаклени садови, како и на метални предмети од збирката, а ќе се набавува и опрема за потребите на конзерваторската лабораторија.

Директорот Перовски исто така ја информираше министерката Костадиновска-Стојчевска за другите меѓународни проекти кои ги реализира оваа Национална установа, меѓу кои е и грантот во рамки на ИПА-програмата за меѓугранична соработка со Килкис од Република Грција. Преку овој проект делумно ќе се обезбедат средства за Формирање на центар за посетители во старата железничка станица во Стоби, паркинг за посетители и поставување на фото-волтаични панели.

Перовски информираше и за грантот од Европската Комисија, во рамки на Проектот за соработка и дисеминација преку имерзивно раскажување на културното наследство во Западен Балкан. Преку овој проект кој НУ „Стоби“ го реализира со шест други институции од регионот, како што рече Перовски,  ќе се понуди ново туристичко искуство на локалитетот.

Костадиновска-Стојчевска за време на посетата ги поздрави напорите на НУ „Стоби“ за вклучување на модерните технологии во презентација на културното наследство и посака што поголем интерес за првата виртуелна апликација, која овозможува виртуелно патување во минатото на Стоби и доживување на гладијаторските перформанси кои се одвивале на овој локалитет. Апликацијата, што ја изработи „БЛИНК 42-21“, во соработка со НУ „Стоби“ беше дел и од потесната листа на најдобри иновации на глобално ниво за 2021.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе