На иницијатива од Јадро – Асоцијација на независната културна сцена, денеска ќе биде отворен Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“, лоциран на ул. „Алберт Ајнштајн“ бр. 2 во Скопје.
Асоцијацијата соопшти дека идејата за КСП „Центар-Јадро“ настанала од потребата за место, фокус, каде што слободно ќе се изразуваат урбаниот живот и современите социокултурни практики, простор што ќе создава aвтономни, самоорганизирани содржини што ќе го артикулираат нашиот урбан, интелектуален, критички и творечки капитал.
Отворањето на КСП ќе се одбележи пред објектот, на отворено, во согласност со протоколите за одржување јавни настани, а основачите на прес-конференција ќе ги соопштат целите на институцијата, досегашните достигнувања и понатамошните планови за развој и соработка.
Во рамките на настанот, концерт ќе одржи Хана Корнети, а ќе биде претставен и муралот „Патување“ од ликовниот уметник Сали Ертунч, изработен на фасадата на КСП „Центар-Јадро“.