Во Музејот на современата уметност – Скопје вечер (8 ноември) во 20 часот ќе биде отворена годишната изложба „Сè што ни е заедничко“ (Sa so si amenge jekhethane/All That We Have in Common) во партнерство со најзначајната манифестација за современа уметност – Европско биенале „Манифеста“.
Куратори на изложбата се: Мустафа Асан, Мо Диенер, Мира Гаќина и Јованка Попова.
Уметници чии дела ќе бидат изложени на оваа поставка се: Дилејн ле Бас (Англија), Ахмет Кадри (Северна Македонија), Сеад Казанџиу (Албанија), Лубош Котлар и Роберт Габрис (Словачка), Рома џем сешн уметнички колектив – Мустафа Асан, Мо Динер, Милена Петровиќ (Северна Македонија/Швајцарија/Србија), Нихад Нино Пушија (Босна и Херцеговина/Германија), Андре Јено Рацш (Германија), Емилија Ригова (Словачка), Цеија Стојка (Австрија), Ден Тарнер (Англија) и Дурмиш Ќазим (Северна Македонија).
Од МСУ најавуваат дека покрај изложбата, во рамките на проектот е дефинирана и паралелна програма.
На самото отворање на изложбата, уметничкиот колектив „Рома џем сешн“ ќе ја промовира публикација „Морфирање на ромското етикетирање“, објавена од oncurating.org, и ќе има партиципативен перформанс.
На 10 ноември, во 20 часот, во МСУ предавање ќе одржи уметникот Ден Тарнер, чии дела ќе бидат изложени на претстојната поставка. Насловот на предавањето е „Ромската современа уметност против структурната нееднаквост“, а разговорот со уметникот ќе го води Артан Садику.
Овој проект се спроведува во рамките на проектот „Манифеста 14 Приштина – Западен Балкан“ и е кофинансиран од Европската Унија и финансиски поддржан и од Министерството за култура. Изложбата ќе биде отворена на 20 февруари 2023 година.