Македонската писателкa Оливера Николова е добитничка на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, чие јубилејно 10. издание ќе се одржи од 18 до 21 септември.
– Оливера Николова е македонска писателка која ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20 и почетокот на 21 век, затоа со право можеме да ја сметаме за книжевен бард чии дела сe и ќе бидат сметани и во иднина за врв на македонската класична книжевност. Почнувајќи од нејзините изданија во рамките на македонската книжевност за деца, па сè до нејзиниот последен роман, на читателите не само во Македонија туку и на Балканот, им ја понуди единствената привилегија преку нејзините дела да прочитаат работи кои се напишани сега и тука, а чие ехо ќе одѕвонува далеку во иднината, стои во одлуката на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“, на чело е писателот Ермис Лафазановски.
Николова, за која не ретко се споменува дека е мајка на сите македонски писателки, во писмото по повод добивањето на наградата вели:
-„ПРО-ЗА Балкан“ за мене отсекогаш претставувала кота од која ми се овозможуваше радоста да ги поздравам колегите писатели, оние присутните, но и неприсутните, кои ги познавам и не ги познавам, кои ги читам и не ги читам, но чии автентични творечки вибрации бездруго ја изгубиле супстанцата на само она што е исклучително. Неспорно, присуството на читателите, пак, создава повеќе убавина одошто некогаш сме имале во моментот, повеќе емпатија за секого, но и помалку занес за чудата на животот и сировата стварност, наведува Николова.
Оливера Николова, која е раскажувачка, романсиерка и драмска писателка е родена во Скопје во 1936 година. Целиот работен век го минала во Македонската радио-телевизија како уредник и драматург. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. Нејзината култна книга за деца „Зоки Поки“ стана задолжителна лектира во училиштата, а според неа е снимена и детска телевизиска серија.
Организатор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ е „Прозарт медиа“, a меѓу поддржувачите е и Министерството за култура.