Со претставата „Зрното грашок и принцезата“, вечер (1 февруари) во 19:00 часот во Театарот за деца и младинци ќе биде одбележан тридеценискиот јубилеј на Владимир Лазовски и Изабела Новотни, првовработените актери во ансамблот на овој театар. Претставата е на авторот Атанас Илков, а во режија на Срѓан Јаникијевиќ.
„Ова е убедливо најстарата наша претстава што сѐ уште е активна. Својата премиера оваа претстава ја имаше во далечната 1993 година“, наведуваат од Театарот за деца и младинци. Оттаму додаваат дека иако во претставата настапуваат само двајца, актерите Изабела Новотни и Владимир Лазовски, тие мајсторски ја исполнуваат сцената, па така се добива впечаток како да се работи за голем актерски ансамбл.