Во организација на Министерството за култура, денеска во Клубот на пратениците се одржа свечен настан по повод одбележувањето на Денот на македонскиот јазик – 5 Мај.
На настанот, на кој присуствуваа и министри, претставници на дипломатскиот кор, професори и други видни личности од јавниот и од политичкиот живот во земјава, се обрати претседателот на Владата Димитар Ковачевски.
„Годинешното одбележување на Денот на македонскиот јазик нѐ обврзува уште еднаш да испратиме јасна порака: Оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ.
И денес наш приоритет останува поттикнувањето на развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како наш постојан влог за неговата иднина. Иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина. Јазикот е жива материја и најочигледно ќе покажеме дека се грижиме за него, преку начинот како го говориме, како го пишуваме, како го читаме македонскиот литературен јазик. Така даваме пример со каков јазик сакаме да раснат младите генерации“, порача во своето обраќање премиерот Ковачевски.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, честитајќи го Денот на македонскиот јазик, истакна дека денешниот настан се реализира во чест на основоположниците на словенската писменост и литература, во чест на сите што создадоа, собираа и оставија и во чест на денешните автори кои го негуваат нашиот јазик.
„На овој мал простор, во некои краеви, со мештаните едвај би се разбрале од прва. Затоа ни беше неопходен Блаже Конески, ова наше јазично богатство, како база, да го кодифицира, да го преточи во современ, литературен македонски јазик. Шармот на нашите дијалекти кои ги зачувуваме од заборавот користејќи ја добрата страна на дигитализацијата, пред сè, на картотеките во Институтот за македонски јазик, е потврда дека нас, Македонците, нè има насекаде. И ќе нѐ има сè додека говориме и им говориме на нашите поколенија на македонски“, порача министерката за култура.
Во тој контекст, таа го најави и Конкурсот „Цртаj на македонски јазик“, кој веќе е објавен на веб-страницата на Министерството за култура. Целта на Конкурсот е стимулирање на секојдневната употреба на современиот македонски јазик и преку изразот кој им прилега особено на младите – графитите како ѕидни писанија.
Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ потсети дека во годината на Конески, започна целосната дигитализација на картотеките во Институтот.
„Во годината на Конески започна целосната дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик. На иницијатива од Министерството за култура, со финансиска поддршка од Владата, реализацијата на проектот ја водат Фондот за иновации и технолошки развој и компанијата Инбокс. Досега се дигитализирани картотеките на црковнословенскиот јазик, на лексикологија и на современ македонски јазик“, рече директорката Јованова-Грујовска.
Од името на Советот за македонски јазик, пред присутните се обрати професор Људмил Спасов, кој порача дека на овој начин се одбележа денот кога му ја оддаваме честа на нашиот јазик, но и на македонската култура воопшто, почитувајќи го македонскиот јазик како наше културно наследство, но и како наша иднина.
„Оваа година се наоѓаме во фаза на афирмирање на новата Стратегија за македонскиот јазик, дека треба да го доразвиеме јазичното планирање, со преземање дејства за операционализирање на статусот на современиот стандарден јазик“, рече професорот Спасов. Тој во своето обраќање го најави и скорешното започнување на настава по македонски јазик на Универзитетот во Корча, Република Албанија.
Министерката Тренчевска потенцираше дека раното детство е важно за севкупниот развој на личноста и оттука и важноста на организирано создавање услови за тој развој од најмала возраст.
„За развојот на јазикот, комуникацијата и писменоста, потребни се материјали кои ќе го стимулираат говорот кај децата, визуелното восприемање на букви, поттикнувањето на интерес за разгледување и читање на сликовници и други книги, организирање на говорни игри, драматизации и игри на улоги. Јазикот на децата им е неопходен за да ги изразат своите мисли и чувства, но во исто време тој е неопходен за да ги разберат и другите со кои тие секојдневно стапуваат во комуникација“, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, истакна дека македонскиот народ преку силата на зборот го одржувал жив јазикот на нивните предци за да го предадат во аманет на нивните наследници.
На денешен ден, во 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија, била усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца, тогашното Министерство за просвета го озакони првиот Правопис на македонскиот јазик. По седумдесет и четири години, со Одлука на Владата на Република Северна Македонија, 5 мај е прогласен за Ден на македонскиот јазик и на македонската азбука.