Текстот „Диво месо“ од Горан Стефановски беше напишан и изведен во далечната 1979 година. За својата драма „Диво месо“, Горан Стефановски ќе каже: „Кога ја пишував пиесата ’Диво месо‘, мислев дека таа се однесува на минатото. Сега гледам дека се однесувала на иднината“.
Вчеравечер, Албанскиот театар од Скопје, на покана од македонскиот Културно-информативен центар во Тирана, ја изведе претставата „Диво месо“ од Горан Стефановски во режија на Мартин Кочовски.
Духот од Горан Стефановски во неговиот текст, неговата актуелност, на вистински начин ја почувствува тиранската публика во театарот „АРТурбина“. Благодарение на маестралната игра на актерите од Албанскиот театар од Скопје, сцените се редеа како на филм. Публиката имаше впечаток како денес во Тирана да се случиле настаните од пиесата. Час и половина, публиката со големо внимание и во целосна тишина ги следеше секој збор од текстот и актерската игра на нашите актери. На крајот, тие беа наградени со огромен и долг аплауз.
По претставата, екипата од Скопје со колегите од тиранските театри беше во посета на македонскиот Културно-информативен центар каде што до доцна во ноќта се разговараше за претставата и за текстот на Горан Стефановски.
Културно-информативниот центар на 10 и на 12 мај продолжува со своите активности. На Тиранскиот џез-фестивал ќе настапат „ПМГ Џез СЕТСТАТ“ и новоформираниот Национален џез-оркестар од Скопје.