Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица го објави конкурсот за 23. Меѓународен фестивал на карикатура и афоризам „Струмица 2022“, кој се одржува во рамките на интернационалниот „Струмички карневал“ на тема „Карневал – еротика“.
Организаторите информираат дека според пропозициите на конкурсот, за категоријата „афоризам“ секој автор може да учествува најмногу со десет афоризми отпечатени во три примероци со шифра и со податоци за авторот во затворен плик. Учесниците може да учествуваат со повеќе трудови од десет афоризми со шифра за секој труд.
– Во категоријата „карикатура“ секој автор може да учествува најмногу со три карикатури работени во техника по избор на авторот, со димензии А4, а на секоја карикатура треба да има податоци за авторот на задната страница. Афористичарите и карикатуристите своите дела треба да ги испратат до Центарот за култура во Струмица најдоцна до 21 февруари годинава, а жири-комисијата ќе додели златна, сребрена и бронзена плакета, со право да одреди дополнителен број награди – потенцираат од Центарот за култура – Струмица и додаваат дека наградите ќе се доделат на 7 март кога ќе биде организирана изложба и презентација на наградените дела.