На сцената на Националната опера и балет вечер (27 септември 2023 г.) со почеток во 20:00 часот ќе се одржи ексклузивниот настан „Фолклорно-класична симбиоза“, музичко-сценски спектакл на НУ Национална опера и балет и НУ „Танец“.
За првпат во македонската понова историја, Националната опера и балет и „Танец“ ќе прозвучат заедно, со над 130 учесници на сцена и заедничка изведба на симфонизираните антологиски кореографии: „Осоговка“, „Малешевка“, „Жетварка“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „Водарки“, како и многу други македонски ора и вокални мелодии од богатиот репертоар на „Танец“. Концертот ќе се одвива под диригентската палка на Бисера Чадловска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ. Настапуваат оркестарот, хорот и игроорниот кор на НУ „Танец“, како и оркестарот и хорот на НУ Национална опера и балет.
„Фолклорно-класична симбиоза“ е замислен како музичка фузија на две различни традиции – класиката и фолклорот – вешто преточена во новите аранжмански партитури на Дарко Илиевски (истакнат инструменталист, автор и раководител на оркестарот на „Танец“).
Македонската јавност и македонската музичка култура ќе добијат уште едно комплексно дело со врвен уметнички израз, кое на достоинствен начин го чува и го унапредува македонското музичко творештво.