Во рамките на десеттото издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, денеска во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоција на новата поетска збирка на Пијан Славеј. Предвиден е кус музички перформанс (Пијан Славеј – гитара и глас, Гоце Јованоски – бас).
Пијан Славеј е музички изведувач, автор и пејач во групата „Фолтин“. Како дел од групата, зад себе има девет студиски изданија, музика за над триесет театарски претстави и неколку филмови, меѓу кои кандидатот за наградата Оскар, филмот „Медена земја“. Надвор од работата во групата, одржал концерт со Филхармонијата, настапува како кантавтор и објавил две поетски збирки („Креветизам и хоризонтала“, 2018 и „Срчки“, 2020).
Претходно, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи средба и разговор со авторот и режисер Рајко Грлиќ, што ќе го води Александар Прокопиев. Расказ од Грлиќ ќе чита актерот Петар Арсовски.
Како што е најавено, на вториот фестивалски ден, денеска, ќе се одржи и тркалезна маса на темата „Литература/општество/критика (литературата и критичкото препрочитување на општествените процеси)“. Ќе учествуваат гостите писатели и членовите на програмата „Скопско дружење“ (Skopje fellowship).