Висококвалификувана продукција од домашни и од странски автори, современа драматургија, интимен театар, работилници, фестивали, гостувања се само дел од активностите што ги реализира Македонскиот народен театар во изминатата 2021 година, и тоа во рамките и можностите на протоколарните мерки пропишани во согласност со условите за работа. Сево ова е потврда дека за МНТ, 2021 претставува само уште една успешна година.
Во 2021 година МНТ реализираше четири премиерни изведби, две претстави во сопствена продукција и две копродукциски претстави, повеќе фестивалски претставувања на домашната и на меѓународна сцена, а беше домаќин и на повеќе домашни и странски продукции.
За успешните продукции следуваа и повеќе награди и признанија како на домашната така и на меѓународна сцена, меѓу кои наградите на 55. МТФ „Војдан Чернодрински“ – за животно дело на доајенот на Македонскиот народен театар, Емил Рубен, и за главна машка улога во претставата „Мој термин“ за актерот Јордан Симонов. На Театарскиот фестивал „Ристо Шишков“, првенката Звездана Ангеловска по вторпат ја доби наградата лауреат за најдобро актерско остварување. Ѓорѓи Јолевски, пак, за монодрамата „Последната лента на Крап“, која е во негова изведба и режија, на Интернационалниот фестивал на монодрамата во Битола доби Гран при за најдобра претстава и најдобра режија, додека на театарскиот фестивал „Живи фест“ во БиХ, Дарја Ризова е прогласена за најдобра актерка.
Во 2021 година излезе од печат и монографијата „АКТ – Театарот низ фотографии“, од фотографот Кире Галевски и Македонскиот народен театар како издавач, чија промоција се очекува во текот на оваа година.