„Младост, среќа, иднина“ е насловен концертот на Филхармонија кој ќе се одржи в четврток (20 часот). Диригент е маестро Јерухам Шаровски (Израел), а како солистка ќе настапи израелската виолончелистка Даниеле Акта. На програмата е возбудливиот Концерт за виолончело и оркестар од Роберт Шуман и Симфонијата број 3 од Феликс Менделсон. За време на својата кариера, маестро Јерухам Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалимз аедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим.
Даниеле Акта како солистка настапувала и на најпрестижните светски сцени – „Карнеги хол“, концертната сала „Чајковски“, „Барбикан“, „Линколн центар“ и др.
Оваа исклучителна виолончелистка беше рангирана меѓу десетте најдобри изведувачи во 2016 година од „Дајли газета“. Како добитиничка на стипендијата на Американско-израелската фондација за култура таа настапи на гала-настанот по повод 75 годишнината на фондацијата на која домаќин беше Исак Перлман во Линколн центарот во Њујорк.