Буџетските средства наменети за Здружението за културни и уметнички дејности „Џој фест“ од Крива Паланка ќе бидат стопирани бидејќи во апликацијата до Министерството за култура беа наведени други изведувачи, а не познат турбофолк-пејач од Србија.
– Организаторите на фестивалот годинава добија 153 000 денари на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година. Но поради непочитување на критериумите и вметнување турбофолк-пејач во програмата, тие нема да ги добијат овие средства – велат од Министерството за култура.
Оттаму велат дека кога Министерството за култура ги објави резултатите од Конкурсот во февруари годинава, појасни дека предност имале проекти кои промовираат култура, особено на домашните уметници.
Тие велат дека Министерството за култура поддржува проекти што се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата, а особено внимание е посветено на поддршка на проекти на млади, како и проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби.
„Џој фест“ е во рамките на манифестацијата „Кривопаланечко културно лето 2022“ што ја организираат Општина Крива Паланка, ЛУ Градски музеј и НУ Центар за култура, во соработка со повеќе локални здруженија од областа на културата и уметноста, а е финансирана од Општина Крива Паланка, Министерството за култура на Република Северна Македонија, како и од други поддржувачи.