Министерката за култура Ирена Стефоска се сретна со Дирк Јан Коп, амбасадор на Кралството Холандија во Република Северна Македонија.
Министерката Стефоска и амбасадорот Јан Коп разговараа за односите во областа на културата меѓу двете земји, за кои беше констатирано дека се одвиваат во традиционално добра и креативна атмосфера. Соговорниците изразија отвореност за секаков вид унапредување на односите во културата.
Стефоска ги претстави планираните политики и приоритети на Министерството за култура за следниот период и притоа соговорниците се согласија дека е потребна поголема размена на проекти и уметници како и поголема директна соработка меѓу институциите во двете земји.
Министерката за култура го запозна амбасадорот со активностите во врска со заштитата на културното наследство, развојот на креативните индустрии, соработката со УНЕСКО, како и со активностите за поддршка на проекти на младата популација. Таа го поздрави и интересот на Кралството Холандија за нашето културно наследство и фолклор.
На крајот, Стефоска изрази уверување дека пријателскиот однос и соработката во областа на културата меѓу двете земји ќе продолжат да се засилуваат и да се продлабочуваат со понагласена динамика.