Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија за првпат гостува во Сандански со уметничкиот проект „Поврзување“.Десеттата јубилејна изложба од проектот, која во јули 2023 година беше поставена во галеријата на Академијата за ликовни уметности во Софија, сега може да се види од публиката во бугарскиот град Сандански.
Групната изложба „Средба од десетти вид“, составена од дела на 16 автори, ќе биде отворена во Уметничката галерија во Домот на културата во Сандански на 8 ноември 2023 година од 18:00 часот.
Изложбата е дел од овогодишните настани со кои ја одбележуваме 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Од КИЦ на РС Македонија во Софија информираат за авторите кои учествуваат на изложбата.
„Станува збор за ликовни уметници од Северна Македонија кои живеат и работат во Бугарија: Маријана Иванова, Перица Георгиев-Пепси, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Иво Пецов и Зоран Мише. Исто така, опфатени се и дела на автори кои живеат и работат во Северна Македонија: Гордана Вренцоска, Дејан Иванов-Маргуш, Јана Манева-Чупоска, Беди Ибрахим. Освен нив се вклучени и бугарските автори: Момчил Мирчев, Свилен Стефанов, Росен Тошев“, нагласуваат од КИЦ – Софија.
За љубителите на ликовната уметност изложбата ќе биде отворена до 19 ноември.