Македонскиот пијанист Дино Имери утре, 25 октомври (среда), ќе настапи во Кралскиот колеџ за музика во еден од најважните културни центри во светот – Лондон.
Дино Имери ќе настапи како солист на пијано, но и заедно со хрватскиот пијанист Ведран Јањанин. Ќе бидат изведени дела од: Густав Холст („Јупитер“ од циклусот „Планети“), Сергеј Рахманинов (Суита за две пијана бр. 2), Витолд Лутославски („Варијации на тема од Паганини“ за две пијана), Дамир Имери („Пајдушко“ за пијано за 4 раце и „Сербез Донка“), Дино Имери (обработка на „Јас те пратив на вода, Калино“) и Дијана Имери Илкоска („Корени“).
Настанот, кој е во организација на Амбасадата на РСМ во Лондон, се реализира со поддршка од Министерство за култура, а по повод големиот јубилеј – 30 години билатерални односи меѓу РС Македонија и Велика Британија.
По концертот во Лондон, пијанистот Имери до крајот на годинава ќе одржи уште неколку концерти – во Загреб, во Ленгерих и во Скопје.