„Летна академија Танец“ е најновиот проект на националниот ансамбл „Танец“ кој до 18 јуни ќе се реализира на брегот на Охридското Езеро.
„Танец“ како еден од најзначајните национални репрезенти на музичкиот и музичко-сценскиот фолклор, препознатлив по својата автентичност и професионалност во секој свој сегмент, преку летната академија ќе биде дел од фолклорната едукација на идните генерации.
Летната академија „Танец“ е проект кој подразбира теориска и практична работа фокусирана врз изучување на народните игри, инструменти и песни од репертоарот на ансамблот, запознавање со целиот процес на нивното изворно создавање и егзистирање на теренот, собирање и трансформирање во уметничка сценска творба. Исто така, учесниците ќе можат низ придружните работилници да се запознаат и со технологијата на изработка на традиционалните инструменти, како и со спецификите на облековните елементи на народните носии. Предавачи се врвните професионалци вработени во Танец, етнокореолозите и играорци Катерина Кузмановска и Марјан Андоновски, како и надворешните стручни соработници од областа, етномузикологот проф. д-р Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и етноорганологот проф. д-р Горанчо Ангелов од Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Неколкудневна програма, која првата година е бесплатна за учениците од Насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, ќе биде значајна дополнителна настава за музичкиот и музичко-сценски фолклор.
„Летната академијата Танец“ е проект од годишната програма на НУ „Танец“, кој се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура.