Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, од старото училиште во Љубојно, каде што е започната реконструкцијата за создавање нов модерен Центар за македонски јазик, порача дека темелите на ова здание се историски темели на образованието на мајчин македонски јазик.
„Низ оваа порта која пркосно им одолева на децениите, на крајот на наредната, 2025 година, ќе влезат лингвисти, педагози, наставници, професори по македонски јазик, вљубеници во македонскиот збор. И објектот со имотен лист 55 ќе остане како паметник за генерациите по нас дека темелите на ова здание се историски темели на образованието на мајчин македонски јазик, столбот на нашиот идентитет“, вели Костадиновска-Стојчевска.
Таа потсети дека овде во воената 1944-та заѕвони училишното ѕвоно и го означи почетокот на наставата на мајчин македонски јазик. Првото училиште во Преспа, второ во Македонија.
„Си дадовме завет дека ќе го обновиме и овој светилник чии ѕидови, подигнати од рацете на нашите мајстори пред 142 години, издржале и војни и земјотреси и пожари и невремиња. И пак се тука, како сведоштво за нас, за нашето јас“, рече министерката за култура, која посочи дека Владата, преку Министерството за култура, за градење на новиот Центар за промоција на македонскиот јазик, врз темелите на старото училиште, обезбеди 32,8 милиони денари.
Чувајќи ги историјата и културата на нашата држава, Владата, Министерството за култура и Заводот и музеј Битола си ја поставија таа задача и во чест на македонските дејци и во спомен на сите просветни работници.
Грижата за македонскиот јазик и негова афирмација во светот продолжува преку проектите на Министерството за култура и издавачката дејност, но и преку овој нов Центар кој на современ начин ќе ги обедини сите генерации домашни и странски македонисти, во дом на македонистиката.
На следниот линк е видеото со изјавата на министерката за култура.