Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска при увидот во градежните работи на Турскиот театар, потенцираше дека со одлуката на Владата за тригодишно континуирано финансирање на проектот за Турскиот театар, обезбедена е гаранција наскоро театарската екипа на оваа установа да има свој дом.
„Министерството за култура продолжува непречено да го финансира проектот, за што во три буџетски години (2024, 2025 и 2026 година) се проектирани средства во износ од 6,1 милиони евра, односно 380 милиони денари“, рече Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека со овие средства ќе се комплетираат градежните зафати, поставувањето инсталации, уредувањето на ентериерот и ќе се обезбеди стручен надзор за театарот да го добие својот облик.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека дополнително, со постојаното зголемување на платите на културните работници, кое достигна до 52 проценти во изминатите години, како што рече, „покажуваме почит кон вашето достоинство и труд и ве мотивираме да продолжите со успешните проекти“.
Министерката за култура информираше дека од буџетот на Министерството за култура за оваа година се обезбедени милион и седумстотини илјади евра или 104 милиони денари, а напредокот во изградбата на објектот е забележителен, особено во делот на фасадата и на покривот, додавајќи дека за сето она што сега е реализирано беа издвоени 4,4 милиони евра, или 274 милиони денари.
Костадиновска-Стојчевска, истакнувајќи ја важноста на Турскиот театар, порача: „Нам отсекогаш ни се важни културните и јазичните различности кои нашата држава ја прават уникатен мозаик. Турскиот театар настојувал да ги промовира таквите вредности и да придонесува кон позитивни промени во општеството“.
Министерката за култура додаде дека е чест, но и голема одговорност, процесот со градежните активности да се одвива професионално, стручно и квалитетно, потенцирајќи дека Владата е одлучна сите започнати објекти од културата да ги заврши со максимален квалитет и во транспарентна постапка.
„Активно се работи и на реконструкција на голем број културни центри кои со години биле запоставени, а сето тоа со крајна цел – да продолжиме да ги подобруваме работните услови на културните работници, и понатаму да овозможуваме поголема и поквалитетна содржина за публиката и заеднички да го промовираме театарот“, рече Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека инвестирањето во културата е нашиот влог во иднината и во развојот на македонската култура и идентитет.
Директорката на НУ Турски театар, Ајлин Емин Скоро, во изјавата за медиумите посочи дека Националната установа Турски театар работи, функционира, твори, цели 74 години во нашата земја, а веќе 10 години работи и твори под еден покрив и на иста сцена со Театарот „Комедија“.
„Објектот што се гради е замислен како културен центар кој ќе ги унапредува, ќе ги афирмира и јазикот и културата на турскиот народ овде“, рече Емин Скоро, дополнувајќи дека започнува третата фаза, односно во тек е јавната набавка за внатрешните инсталации: механика, електрика, машинство и водовод и канализација.
Видео-линк од прес-конференцијата на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска:
Изјава Бисера Костадиновска Стојчевска – Увид на градежните работи на објектот на Турски театар