Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во Владата ги потпиша договорите од Програмата за користење капитални дотации за инвестициони проекти во единиците на локалната самоуправа во областа на културата за 2024 заедно со градоначалниците корисници на средствата од оваа програма.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека годинава буџетот за оваа намена е зголемен за 10 милиони денари и изнесува 50 милиони денари, а поддржаните 11 проекти се континуитет во поддршката за одржлив и функционален развој на локалната култура како неприкосновен, суштински дел од нашиот културен идентитет.
„Владата и Министерството за култура потврдуваат дека ги препознаваат потребите на локалната култура, ги вреднуваат креативните напори за нејзино опстојување и со конкретна поддршка придонесуваат за квалитетот на локалниот развој и имплементацијата на културните политики еднакво во целата држава“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура потенцираше дека суштината на капиталните дотации е во нивната крајна цел – поттикнување и охрабрување на културниот и на креативниот потенцијал, културната разноликост како оригиналност, оригиналноста како културна вредност.
„Помагајќи им на општините во постигнувањето квалитетен локален културен живот, сакаме да ги предизвикаме и потенцијалот кај младите и искуството на возрасните“, рече Костадиновска-Стојчевска, повикувајќи ги уметниците да му се посветат на културниот развој на својот град, на својата општина, а како што нагласи, „Владата е тука да потсетува и на стратегиската улога на културата – тој постојан повик на креативна будност и уметничка слобода“.
Преку Програмата за капитални дотации во 2024 година, поддржани се инфраструктурни проекти во 11 општини, кои треба да се реализираат до крајот на годината.