Во „Европската куќа“ денеска се одржа меѓународен форум по повод 50-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО, на кој присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Во поздравното обраќање, таа истакна дека Република Северна Македонија, преку потписот на тогашната СФРЈ, е, всушност, меѓу првите држави кои ја ратификуваа оваа Конвенција на УНЕСКО во Париз.
„Нашата независност не ги прекина ниту континуитетот ниту партнерството ниту заложбите за зачувување на ова драгоцено богатство. Напротив.“, рече Костадиновска-Стојчевска. Таа појасни дека оваа Конвенција е соодветно имплементирана во Законот за заштита на културното наследство, во Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, во Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и во други правни прописи кои се однесуваат на заштитата на културното наследство.
Костадиновска-Стојчевска се осврна на актуелните состојби во врска со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион: „Можеме да констатираме дека и покрај преземените активности, нашата заедничка акција како да го нема задоволителниот интензитет во справувањето со причините и со причинителите кои го загрозуваат Охридскиот Регион, впишан во Листата на УНЕСКО како реткост со светско значење. Мораме итно, и сите да дејствуваме“, рече министерката за култура.
Таа потсети дека на Тентативната листа на УНЕСКО се впишани и пештерата „Слатински извор“, Марковите кули, локалитетот „Кокино“ и црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, додека, пак, на Листата на светско наследство се впишани и ,,Буковите шуми во долината на Длабока Река на планинскиот масив Кораб во Маврово“ како дел од природното, транснационално добро „Древните исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа“.
„Ги повторувам овие податоци за уште еднаш, особено на домашната јавност да ѝ предочам со колку признаени, видливи за светот добра и убавини располагаме“, рече Костадиновска-Стојчевска, која изрази загриженост поради несовесноста и алчноста на поединци, како и на крадците и вандалите кои ги уништуваат спомениците, и дивите копачи кои ги сквернават локалитетите.
„Да. Туризмот е голем пријател на економијата и на локалното население, но не смееме да дозволиме, барем не онака како што добар дел од луѓето го разбираат и го практикуваат, да биде закана за културното и за природното наследство. Особено не за Охрид и за Струга, и не за Галичица и за Дебрца. Во отсуство на свест и совест дека и овие богатства се нашиот идентитет и дека културното наследство нè легитимира во европски и во светски контекст, мојот поглед е вперен кон домашната казнена политика како спас, и кон нејзината бескомпромисна и доследна примена“, додаде Костадиновска-Стојчевска.
ИКОМОС Македонија, како дел од Меѓународниот совет за споменици и локалитети – ИКОМОС, кој е советодавно тело на УНЕСКО токму за спроведувањето на оваа Конвенција, се приклучи кон одбележувањето на нејзиниот 50-годишен јубилеј поставувајќи сет прашања за дискусија и дебата: со какви предизвици се соочуваме при имплементација на домашната и на меѓународната легислатива кога станува збор за зачувување на културното и природното наследство, кое е од глобална важност, и дали располагаме со потребните ресурси и капацитети за да се справиме со овој предизвик.
На форумот учествуваа стручни лица и меѓународни експерти од надлежните државни и меѓународни институции и организации, кои говореа за заштитата и управувањето со светското наследство на национално и на меѓународно ниво, како и за состојбата со имплементацијата на оваа Конвенција во земјава.
Конференцијата, која се одржуваше на тема „50 години Конвенција за светско наследство на УНЕСКО: Меѓународни стандарди во национален контекст“, е поддржана од Министерството за култура.