Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, честитајќи го 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, напиша дека со сите заложби и успеси на Владата за негова заштита, унапредување и промоција, се потврди дека за македонските идентитетски обележја не се преговара со никого и никаде.
„Денес кога го одбележуваме празникот на нашиот македонски јазик горди сме на сите досегашни заложби и успеси што ги постигнавме за заштита, унапредување и промоција на македонскиот јазик, културните вредности и културното наследство“, вели министерката за култура.
Честитајќи го денот кога во 1945 година е донесена одлука македонската азбука да е официјално писмо во државата, Костадиновска-Стојчевска порача: „Македонскиот јазик е нашиот национален белег и најважниот симбол на нашиот културен идентитет. Денес е рамноправен и признат во Обединетите нации, потврден и признат во Европската Унија. Како постојани негови заштитници потврдуваме дека за македонските идентитетски обележја не се преговара со никого и никаде“.
За министерката за култура, овој ден е повод и поттик да истраеме уште посилно во афирмирањето и зачувувањето на посебноста и вредностите на нашиот јазик и идентитет и да продолжиме со дела да ги покажуваме партриотизмот и љубовта кон културниот идентитет на нашиот народ.
Костадиновска-Стојчевска потенцира дека вистинска грижа за нашиот јазикот е покажана со донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, кој, како што вели таа, претставува заштитнички бедем за идните генерации.
,,По 26 години, изработивме нов Закон за употреба на македонскиот јазик соодветен на новото време.
Ги проширивме областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо“, стои во објавата на официјалниот фејсбук-профил на министерката за култура.
Таа уверува дека грижата за македонскиот јазик е и ќе остане приоритет и во следниот мандат и ќе се продолжи со поддршка на стручни изданија поврзани со македонскиот јазик, како и многубројни книжевни изданија на македонските автори и странска литература преведена на македонски јазик.
Измените што ги носи новиот Закон отвораат нови работни места за македонистите, односно задолжително вработување лектор со лиценца во институциите, Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик за поголема контрола на примената на Законот и правилна употреба на македонскиот јазик, како и негово изучување во странство, отворање лекторати и стипендирање на младите кои го изучуваат македонскиот јазик.