Министерката за културата Бисера Костадиновска-Стојчевска, во Дневникот на „Канал 5“ телевизија, на прашањето колку е задоволна од резултатите од Годишните конкурси, изјави дека според извештаите од комисиите што ги разгледуваа пријавите, во програмата се проекти кои ги исполнуваат приоритетите на распишаните конкурси.
„Комисиите што ги разгледуваа пријавите предложија програма која ги содржи начелата на конкурсите, а кои се однесуваат на креативност, уникатност, нега на традиција“, рече министерката за култура.
На прашањето за реакциите по објавувањето на резултатите, Костадиновска-Стојчевска изјави дека е вообичаено да има различни мислења, но објасни дека Годишните конкурси се за кофинансирање на проектите со кои се аплицира, а не за целосна финансиска поддршка.
Меѓу оние што реагираа беа и од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, за што Костадиновска-Стојчевска рече: „Ништо веќе не ме чуди, мило ми е што се занимаваат со Годишната програма на Министерството за култура затоа што не беше така до неодамна, односно до 2016 година кога се објавуваа нивните конкурси, без суми, не се објавуваа никакви детали, не се објавуваа ниту членовите на комисиите, тоа е видливо, тоа не е нешто што јас го кажувам првпат“.
Костадиновска-Стојчевска рече дека не ги прифаќа објавите во кои се вели дека се работи за некаков клиентелистички пристап при одлучувањето затоа што, како што рече, некои од тие што реагираат се поддржани со 60 проценти од побараната сума.
„Она што, исто така, нема да дозволам е да се извртуваат одредени детали, како, на пример, што беше во реакцијата на претседателот на Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ, дека се доделуваат пари за организација и учество на фестивал во Косово. И многу е интересно тоа што тој не сакал да го спомне, а тоа е дека се работи за учество на пет театри на кои им се покриваат само патните трошоци за да учествуваат на овој фестивал каде што учествуваат секоја година“, објасни министерката за култура за една од реакциите.
Министерката за културата Бисера Костадиновска-Стојчевска, во Дневникот на „Канал 5“ телевизија, на прашањето за придобивките од донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, посочи дека со ова законско решение се придонесува кон унапредување, заштита и воведување механизми што нудат унапредување на правилната примена на македонскиот јазик во јавниот сектор и во медиумите.
„Но, една од главните придобивки е што од овој закон произлегуваат некои предлог-законски решенија, како што се: уредување на стипендирањето на кадрите што го студираат македонскиот јазик; поголема застапеност на часовите, односно враќање на фондот на часови по македонски јазик на сите три нивоа; воведување задолжителна настава по македонски јазик и на академските студии, а голема придобивка е и воведувањето Инспекторат за македонски јазик што ќе се формира во рамките на Министерството за култура“, изјави министерката Костадиновска-Стојчевска.
Целото интервју е на: