Со посетата на галеријата „Мартиноски“ и концертот на евергрини „Безвременска хармонија“ на Камерниот оркестар од Битола, вечерва пред споменикот „Македониум“ во Крушево официјално почна манифестацијата „Град на културата 2023“.
На отворањето на манифестацијата, која оваа општина ќе ја реализира во текот на годината под мотото „Крушево – жив споменик на културата“, пред присутните се обратија министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот Томе Христоски.
– Од денеска градот музеј на македонската историја ќе биде центар и на македонската култура. Нашето убаво Крушево ќе биде „Градот на културата“, кој со богатата програма, ова живописно место, полно со природни убавини и спортски актракции, ќе го направи вистинско уживање за посетителите, но ќе привлече уште помногубројни гости – истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Крушево на свеченото отворање.
Таа додаде дека културната понуда на Крушево ќе биде неисцрпна приказна која ќе води низ тесните улици и пространите предели во кои живее историјата со здивот на сегашноста.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека во Крушево ќе бидат реализирани голем број културни активности, кои ќе го промовираат градот како културен и туристички центар не само во регионот туку и во Европа.
Таа потенцираше дека манифестацијата „Град на културата“ се реализира во соработка со Општина Крушево, и посочи дека само на тој начин, заедно може да се постигнат посакуваните резултати, да се добие побогата и поразновидна културна понуда во градот во кој, како што кажа, е содржан голем дел од идентитетот на македонската држава.
– Годинава овде ќе ја одбележиме и 120-годишнината од Илинденското востание, но ќе биде одбележан и Денот на ослободувањето на градот, наедно и на државноста, 8 Септември. Ќе ја славиме Крушевската Република, делото од светските каталози на архитектонско-уметничката двојка Грабулоски, песните на Тоше и староградските звуци, ќе имаме современи перформанси и гастрономски специјалитети, а сето тоа заедно ќе го направи Крушево културен и туристички центар и за целиот регион“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска рече дека културните активности во рамките на програмата ветуваат уживање: „Затоа во Крушево треба барем еднаш да се дојде оваа година, за да ја проследиме културната фузија на традиција и младост и да понесеме нови искуства кои ќе бидат темел на подобра иднина на нашето единствено Крушево“, додаде министерката за култура.
Градоначалникот Христоски, пак, рече дека факелот на културата пристигна во највисокиот град во државата и дека е големо задоволството што историското Крушево – градот на македонскиот непокор, ризницата на македонската култура и традиција – официјално станува домаќин на манифестацијата.
– Културата секогаш обединува, културата значи подавање рака на сите оние што творат и создаваат спомени. Крушево живее, се гради и променува! Заедно ќе го вратиме епитетот кој нашиот град го заслужува: Крушево, лулка на македонската култура! Културата е онаа што сите нè оплеменува. Многу често таа се заснова на традиции кои треба да ги негуваме, но и традиции кои ние треба да ги создадеме – истакна Христоски.
Во рамките на манифестацијата, во Крушево во текот на целата година ќе се реализираат голем број настани на различни локации во и околу градот.
Реализацијата на програмата на проектот „Културен град“ е во соработка со локалната самоуправа и е од особено значење за зајакнување на културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво.