„Музеите се толкувачи на нашата историска и современа културна вистина. Тие зборуваат за нашиот национален идентитет и засекогаш ќе служат како извор на нови сознанија и ќе егзистираат како постојан и активен центар за учење во државава, но и надвор од неа. Тие се трезор на нашето минато, првиот, највидлив репрезент на државава пред секој намерник во нашата земја“, рече министерката за култура Бисера Кострадиновска-Стојчевска на отворањето на изложбата „Гозби за живите и предците, боговите и светците“ во Музејот на Северна Македонија.
Честитајќи го денешниот Меѓународен ден на музеите, 18 Мај, кој годинава се одбележува на тема „Моќта на музеите“, министерката Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност до музејските работници за нивната посветеност затоа што, како што рече, во нив е моќта на промените.
„Благодарност за вашата посветеност и љубов што ја негувате кон оваа благородна работа која нè штити сите нас, како и за јубилејот – 20 години Македонски комитет на Синиот штит. Овој ден е особено инспиративен за музејските работници, но и за сите во општествената сфера. Музеите и вашата работа се нашата слика пред светот. И покрај сите неизвесности и предизвици, длабоко верувам дека во музејските работници е моќта на промените. Очекувам интензивна и разновидна година посветена на трансформации и напредок“, порача Костадиновска-Стојчевска.
Претходно, во организација на МНК ИКОМ, во Музејот на Северна Македонија се одржа советување на тема „Моќта на музеите“, каде што во присуство на голем број музејски професионалци од земјава, по четиринаесетти пат беше доделeнa традиционалната награда „18 Мај – Меѓународен ден на музеите“ за особени достигнувања во музејската дејност за 2021 година.
Меѓународниот ден на музеите е востановен од Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ) во 1977, со цел да се насочи вниманието на јавноста кон важноста на улогата на музеите во современите општества.