Министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска присуствуваше на културната манифестација во Офицерскиот дом во Битола, организирана по повод 60 годишното постоење на локалниот „Битолски весник“. Со честитката за јубилејот желбата за ново децениско опстојување, таа потенцираше дека годишнината е прилика да се нагласи важноста на слободата на медиумите и нивниот придонес во развој на културата.
–„Битолскиот весник“ како пиреј 60 години опстојува простум во медиумскиот етер. Ги паметам изданијата од мојата младост и горда сум на истрајноста и активноста на весникот, со кои се вбројува во релевантен и уникатен презентер на градската колективна меморија. Весникот во континуитет е организатор на културни и хуманитарни настани со што го потврдува својот придонес во позитивните промени во културата,- истакна Костадиновска – Стојчевска.
Низ изложбата со весниците од изминатите шест децении јавноста се присети на архивата и бројноста на изданијата низ кои се потенцирани приказните за животот на човекот. Многу од нив придонеле и за промоција на културните вредности.
–Од 1964 година до денес „Битолски весник“ придонесува за развој на плурализмот и слободата на говорот што го прави чинител во демократските процеси. Единствениот локален весник ја потенцира важноста на гласното новинарство и значењето на вистинското информирање во опкружувањето со дезинформации и лажни вести. Ја нагласувам важноста на медиумите како дел од демократија и ја почитувам нивната слобода и независност во придонесот за заедничка европска иднина“- нагласи министерката за култура од настанот во Битола.
На 29 април, во далечната 1964 година, во предвечерјето на празникот 1 Мај, излезе првиот број на Битолски весник. По повеќе неуспешни обиди да се издаде градски весник, група ентузијасти предводени од првиот главен и одговорен уредник на весникот, Владо Ласковски го издадоа првиот број на Битолски весник.
Во изминатите 60 години весникот се афирмирал и како организатор на значајни манифестации. Веќе 24 години успешно ја организира манифестацијата „Избираме најуспешни битолчани“. 19 години ја доделува наградата за новинарство „Тоде Петревски“, а организирал и бројни хуманитарни акции.
Битолски весник е добитник на многу признанија и дипломи, меѓу кои и највисокото признание на Битола, наградата 4 Ноември.
На денешната свечена Академија беа врачени златни плакети на заслужни поединци, установи, инсититуции, кои дале значаен придонес во опстојувањето на „Битолски весник“.