„ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди” е проект на ЕУ кој денеска беше презентиран пред јавноста.
Воведни обраќања на настанот имаа евроамбасадорот Дејвид Гир, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми Зоран Трајчевски.
Министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, во своето обраќање пред присутните истакна дека станува збор за уште еден успешен проект поддржан од Европската Унија, кој е важен придонес во спроведувањето на европската реформска агенда и постигнувањето на европските стандарди дома.
„Слободата на говор или слободата на изразување е една од најголемите вредности на модерното демократско општество и клучен елемент на евроинтеграцијата на Северна Македонија. Во таа насока, проектот „Усогласување на националното медиумско законодавство со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди“ е директна помош и поддршка од ЕУ за побрзо усогласување на македонското законодавство со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ, зацврстување на институционалниот капацитет, како и обезбедување независност на националното регулаторно тело за медиуми“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа истакна дека проектот е од огромно значење и за Министерството за култура, затоа што слободата на изразување е еден од најважните приоритети на културниот и креативниот сектор, како на индивидуално така и на општествено ниво, бидејќи една од главните улоги на уметноста и на културата е одржувањето на конструктивен дијалог во демократско општество.
„„Со ефикасното и ефективно спроведување на проектот, системски се засилува слободата на артистичко изразување во културниот и креативниот сектор. Овој проект е и директно поврзан со обезбедувањето на непречен пристап до фондовите од програмата Креативна Европа, односно потпрограмата Медиа и интерсекторскиот дел во Република Северна Македонија, како и со зголемено циркулирање на европските аудиовизуелни продукти кај нас“, рече министерката за култура.
Министерството за култура и Агенцијата за филм, како партнери на Европската Унија, преку спроведувањето на програмата Креативна Европа активно ги следат нејзините политики во овие сектори.
„Во оваа насока – додаде министерката за култура – за нашата држава од огромно значење е да го поддржиме овој тренд и да ја задржиме компактноста во спроведувањето на програмата Креативна Европа со двете нејзини потпрограми, Култура и Медиа, како и новиот интерсекторски дел на Креативна Европа 2021 – 2027, преку кој дополнително се овозможува и се зацврстува соработката меѓу културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор.“
Костадиновска-Стојчевска истакна дека основна слобода е слободата на говорот. Со унапредувањето на законската заштита на социјалните и работничките права на новинарите, како една од основните цели на проектот, го потврдуваме односот на Владата кон медиумските работници, како и заложбата за промоција на европските вредности, а слободата на изразување е една од нив.
„Наша обврска е да продолжиме заеднички да ги негуваме слободата на изразување, говорот и медиумите и на овој начин да придонесеме за напредок на заедницата, подигање на свеста и подобро информирање на граѓаните. Тоа ни е најпотребно сега кога сме земја која преговара со ЕУ и од која се очекува брз напредок во реформите и трансформација на македонското општество, на подобро и во согласност со европските стандарди“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
На настанот, кој беше во организација на Делегацијата на Европската Унија и Министерството за информатичко општество и администрација, за целите на проектот, главните компоненти и за усогласување со Директивата за АВМУ говореа Деирдре Кевин, експерт за медиумско право и регулатива, и Валон Елези од Министерството за информатичко општество и администрација.