Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот „Филиз“, на кој како солистка ќе настапи исклучителната пијанистка Мари-Анж Нгучи (Франција/Албанија). Диригент е маестро Џорџ Џексон од Англија, кој првпат ќе застане пред оркестарот на Филхармонијата, а на програмата се „Трагична увертира“ оп. 81 од Јоханес Брамс, Симфонија бр. 8 „Недовршена“ од Франц Шуберт и Концерт за пијано и оркестар бр. 3 од Сергеј Рахманинов.
„Трагична увертира“ оп. 81 е концертна увертира која Јоханес Брамс ја напишал во летото 1880 година. Премиерно била изведена под диригентската палка на Ханс Рихтер на 26 декември 1880 во Виена. Брамс ја нарекол „трагична“ за да го потенцира турбулентниот карактер на делото, и таа е целосен контраст на неговата „Академска увертира“.