Во Македонскиот културен центар во Њујорк, Соединети Американски Држави, денеска (19 октомври) уметници од Северна Македонија ќе одржат концерт на класична музика. Ќе настапат тенорот Исмет Вејсели, Анеса Зајази на виолончело и Анастасија Гигичевска на пијано. На програмата се дела од Хендл, Шуберт, Росини.
Тенорот Исмет Вејсели студирал соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Учествувал на многубројни домашни и меѓународни натпревари. Редовно настапува и со професиналниот хор „ProArs“, а од септември 2022 година е дел од Националната опера на Словачка како тенор.
Анеса Зајази е родена во 1997 година во Скопје, Северна Македонија. Завршила гимназија во 2015 година во класата на проф. Божидар Пејиќ. Истата година ги започнала студиите на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Живко Фирфов каде што дипломирала во 2020 година. Анеса присуствувала на многу мастер-класи со реномирани уметници. Во моментов е дел од групата виолончело на Националната опера и балет.
Пијанистката Анастасија Гигичевска е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Марија Ѓошевска. Учествувала на повеќе натпревари во својата област (регионални, државни и меѓународни), постигнувајќи исклучително добри резултати. Била дел од неколку мастер-класи одржани од истакнати пијанисти, а настапувала на концерти во рамките на инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност, како и на други културни настани. Во 2022 година ги продолжила студиите на Музичката академија во Љубљана, Словенија во класата на проф. Александар Сердар.