Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ вечер (28 јули) ќе одржи целовечерен концерт на Фестивалот „Охридско лето“. Под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 35 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Над 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на Оркестарот биле многу реномирани музичари.
Веќе 35 години завршниот концерт на летната сесија на Оркестарот е дел од програмата на Фестивалот „Охридско лето“, а во последните 14 години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година Оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.