Во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово денеска (24 февруари) во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Стеги“ од авторот Илија Струмениковски. Се работи за 20 слики работени во техниката акрил на хартија и претставуваат дел од најновата продукција на Струмениковски којшто живее и работи во Куманово.
Илија Струмениковски е роден во 1940 година и зад себе има извонредна актерска кариера како театарски, филмски и телевизиски актер. Освен со актерството, тој педесетина години се занимава и со сликарство остварувајќи дваесетина самостојни претставувања, како и учество на повеќе групни изложби.
– Од своето последно јавно презентирање, пред 9 години, па сè до денес, авторот Илија Струмениковски остана верен на идејата дека уметноста може да го објасни светот, за што визуелно говори и во најновиот циклус „Стеги“ – информираат од Центарот за култура – Куманово.