Во галеријата на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија на 18 април 2024 г. (четврток), со почеток во 18:30 часот, ќе биде отворена ликовната изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“.
На изложбата ќе бидат претставени дела настанати во Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во периодот од 2019 до 2023 година. Автори на делата се поранешни и сегашни студенти во оваа образовна установа: Александра Јеротијевиќ-Андреева, Бојана Тошевска, Вангел Крстиновски, Дејан Витанов, Ивана Ивановска, Крсте Тарабунов, Миа Ефремова и Мики Иванов.
Целта на изложбата е да го претстави квалитетот на ликовната обука и да ја афирмира Ликовната академија во државава и во регионот, да го претстави развојниот пат на креативните личности сврзани со оваа институција.