Триесетгодишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Јапонија и Република Северна Македонија беше одбележана со свеченост и изложба „Нингјо“ (Кукла), во Археолошкиот музеј во Скопје. Во рамките на изложбата се претставени 67 кукли поделени во четири категории: „Нингјо за молитва на детскиот развој“, „Нингјо уметност“, „Нингјо фолклор“ и „Ширењето на Нингјо-културата“.
Куклите претставуваат сеопфатен преглед на моделите на јапонските кукли, од Каташиро и Амагацу, кои се сметаат за архетипови на јапонски кукли, преку локални кукли кои ги рефлектираат климата и анегдотите од целата земја, како и кукли играчки од денешницата кои се ценети низ целиот свет. Според директорката на Археолошкиот музеј, Славица Бабамова, со оваа изложба уште еднаш ќе се поврзат географски далечните култури на двете држави. Преку изложбата, потенцираше таа, и Археолошкиот музеј ќе се најде на мапата на музеите низ светот што го изразиле своето гостопримство на јапонските кукли.
Експонатите се избрани од колекцијата на Јапонската фондација.
Изложбата ќе биде отворена до 26 април годинава, а е организирана од Јапонската фондација, Археолошкиот музеј и Амбасадата на Јапонија, со поддршка од Министерството за култура.