Во Археолошкиот музеј во Скопје вечер (1 март) во 19:00 часот ќе биде отворена изложбата на јапонски кукли „Нингјо“, со која се одбележуваат 30 години од воспоставувањето билатерални односи меѓу Јапонија и Северна Македонија.
– Куклите се незаменлив дел од нашето секојдневие, но може да се каже дека разновидноста и деликатната ракотворба во комбинација со длабока љубов се карактеристични за куклите во јапонската култура. Оваа изложба ќе претстави сеопфатен вовед за јапонските кукли, од Каташиро и Амагацу, кои се сметаат за архетипови на јапонски кукли, до локални кукли кои ги рефлектираат климата и анегдотите од целата земја, како и кукли играчки од денешницата кои се ценети низ целиот свет – велат организаторите.
Изложбата, која е во организација на Јапонската фондација, Археолошкиот музеј и Амбасадата на Јапонија, со поддршка од Министерството за култура, ќе биде отворена до 25 април.