Во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово утре четврток (7.4.2022), во 13 часот, ќе биде отворена изложбата на фотографии „Низ објективот на Дени“ од авторот Дени Синадиновски.
Изложбата претставува симбиоза на два уметнички сегмента, чијашто приказна започнува во 2012 година. Имено, тогаш се формира Ансамблот „Македонија“, кој е репрезент на македонската традиционална култура, а чиј член е и етнокореологот Дени Синадиновски, кој успева да ги фотографира клучните сегменти.
– Во рамките на изложбата се прикажани фотографии од првата концертна турнеја на Ансамблот во Јапонија во 2013 година, како и концертни фотографии од годините што следуваа. Објективот на Синадиновски ја забележува и богатата соработка на Ансамблот „Македонија“ со Бигорскиот манастир, многубројните телевизиски гостувања, како и неколку засебни фотосесии на традиционални носии – посочуваат од Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово.
Изложбата ќе биде поставена до 20 април годинава.